Банката е формирана во 1948 година како Комунална банка – Битола, со фокус на работењето во подрачјето на Битола, а од 1962 година и во подрачјето на Битола и Демир Хисар. Во 1966 година, Комуналните банки од Битола, Охрид, Ресен, Струга и Крушево се обединуваат и ја формираат Комерцијално-инвестиционата банка Битола, со седиште во Битола и пет филијали.
Во 1971 година, трите водечки банки во Република Македонија – Комерцијално-инвестициона банка Битола, Комерцијално-инвестициона банка Скопје и Стопанска банка Скопје – се интегрираат во една единствена банка, Стопанска банка – Скопје, со седиште во Скопје.
Во 1977 година се основа и конституира Стопанска банка – Основна банка Битола, а во 1989 година основните банки се соединуваат и се формира Стопанска банка АД Скопје, при што основните банки се трансформираат во нејзини главни филијали.
Стопанска банка АД Битола, во својата денешна правна форма, започнува со работа со одлука на Собранието на акционери од 07.06.1995 година, како самостојна банка со почетен биланс од 01.01.1995 година.
Со децении наназад, Банката претставува стабилна поддршка и сигурен финансиски партнер за граѓаните и бизнисите. Изградена врз доверба, континуитет и блиски односи со клиентите, Банката оставa силен белег како институција со традиција, која активно придонесува за локалниот економски развој и финансиската стабилност на заедницата.
Од 12.12.2025 година, Стопанска банка АД Битола е преименувана во АЛТА Банка АД Битола. Ова преименување означува ново поглавје во развојот на Банката – надградба на долгогодишната традиција со современа визија, модерни банкарски решенија и засилена ориентација кон иновации, раст и унапредување на корисничкото искуство, задржувајќи ја притоа истата посветеност, стабилност и доверба изградени низ годините.